– Денеска е Меѓународен ден на книгата за деца
742.- Роден е францускиот цар Карло Велики, кој од доаѓањето на престолот во 768 година па се до смртта во 814 година, ја прекрои картата на Европа и ја прошири француската држава од Северно Море до Италија и од Антлатикот до Чешка. Папата Лав Трети во 800 година го круниса за римски цар. Тоа беше чин на трајни последици по историјата на Европа.
1724.- Роден е италијанскиот авантурист Џовани Џакопо Казанова де Саингалт, синоним на латински љубовник, една од најколоритните личности во Европа на 18 век. Во текот на бурниот живот беше ученик во верско училиште, секретар на кардинал, венециски поморски офицер, коцкар, алхемичар, виолинист, шпион, библиотекар. Неговите „Мемоари“ се слика за европското општество во епохата во која живееше.
1792.- Озаконет е доларот како парична единица во САД.
1805.- Во Одензе е роден Ханс Кристијан Андерсен, дански писател. Пишуваше поезија, романи и драми. Напиша 156 приказни. Се смета за творец на реалистичката проза во Данска. Најпознати негови дела се „Импровизатор“, „Грдото Пајче“, „Приказна на мојот живот“, „Само музичар“, „Сказни“, „Сликовница без слики“, „Во Шпанија“. Умре во Копенхаген, на 4 август 1875 година.
1838.- Роден е францускиот државник и адвокат Леон Мишел Гамбета, еден од основачите на Третата република, кој значително придонесе за воспоставување на парламентарната демократија по симнувањето на царот Наполеон Трети. Во борбата против царот тој ги предводеше Републиканците, а во текот на француско-пруската војна во октомври 1870 година, како министер за внатрешни работи во Владата на национална одбрана од Париз со балон одлета во внатрешноста и ја организираше борбата против Германците. Од 1879 година до 1881 година, Гамбета беше претседател на францускиот парламент, а потоа до 1882 година премиер.
1840.- Во Париз е роден Емил Зола, француски писател, творец и најизразит претставник на натуралистичкиот правец во книжевноста. Најпознати негови дела се „Нана“, „Жерминал“, „Земја“, „Ѕвер човек“, „Пари“, „Плодност“, и „Крах“. Умре во Париз, на 29 септември 1902 година.
1872.- Во Њујорк умре Самјуел Морзе, северноамерикански сликар и пронаоѓач. Во 1835 година го пронајде електричниот телеграф, апарат за испраќање знаци составени од точки и цртички (Морзеова азбука), кој беше пуштен во работа во 1844 година на линијата Вашингтон – Балтимор. Роден е во 1791 година.
1905.- Официјално е отворен железничкиот тунел Симплон под Алпите кој ги поврзува Швајцарија и Италија.
1974.- Умре францускиот државник Жорж Помпиду, претседател на Франција од 1969 година до смртта. Шеф на државата стана по оставката на Шарл де Гол и главно ги следеше идеите на славниот претходник. Претходно беше професор во Марсеј и во Париз. Со Де Гол соработуваше од 1945 година, во меѓувреме беше директор на Ротшилдовата банка, шеф на Кабинетот на Де Гол, член на Уставниот совет и од 1962 година до 1968 година беше премиер.
1982.- Воената хунта на Аргентина со 10.000 војници го нападна британскиот имот на Фолкландските острови во Атланскиот Океан, околу 500 километри југоисточно од аргетинскиот брег, на кој во тој момент имаше 75 британските војници. Аргетинските сили после борбите кон крајот на мај и во првата половина на јуни во 1982 година поразија околу 5.000 војници испратени од Велика Британија.
2005.- Почина поглаварот на Римокатоличката црква папата Јован Павле Втори. За време на 27-годишното понтификување, тој посети 133 земји во 99 патувања, а за светци прогласи 478 свештени лица, додека 1.200 ги беатифицираше. Папата Јован Павле Втори на 19 октомври 2003 година на посебна свеченост ја беатифицира, односно ја прогласи за блажена Мајка Тереза. Првпат во историјата на папството, тој објави книга насловена “Римски триптих”, а напиша и 14 “папски текстови”. Карол Војтила е роден на 18 мај 1920 година во Вадовице, во близина на Краков.
2006.- Умре вдовицата на атентаторот на Хитлер, Нина Шенк фон Штауфенберг, чиј сопруг се обиде да го убие Адолф Хитлер во атенат во 1944 година, по што беше стрелан. Нејзиниот сопруг, грофот Клаус Шенк фон Штауфенберг, подметна чанта со бомба под маса, но стол го заштити Хитлер. На 20 јули 1944 година заговорниците беа стрелани, а роднините, вклучувајќи ја и грофицата Штауфенберг беше одведена во концентрационен логор. Учесниците на неуспешниот заговор се слават како херои во денешна Германија. Вдовицата на грофот Штауфенберг родена е како бароница Фон Лерхенфелд во 1913 година.
2007.- Во силен земјотрес со сила од 8 степени според Рихтеровата скала, кој ја погоди областа на Западните Соломонски острови (архипелаг со 256 острови) во Тихиот Океан, животот го загубија најмалку 12 лица, меѓу кои шест деца. Епицентарот беше помеѓу островите Бугенвил и Њу Џорџија. Земјотресот предизвика бранови високи 10 метри кои го преплавија 40 километри одалечениот регионален центар Гизо, уништувајќи се пред себе. Зградите во близина на брегот се срамнети со земја, додека водата го поплави градот. Без покрив над главата останаа меѓу две и три илјади луѓе.
2016.- Починал академик Глигор Чемерски, сликар, графичар, мозаичар – член на Македонската академија на науките и уметностите и почесен член на Руската академија на уметностите. Својата прва самостојна изложба ја отворил во Скопје, во 1962 година. Оттогаш до неговата смрт реализирал околу педесет самостојни изложби во земјата и во странство – последните во Москва (2014) и во Софија (2015). Учествувал на повеќе од осумдесет групни изложби во земјата и во странство. Сликите на Глигор Чемерски се застапени во многубројни уметнички државни институции во земјава и во странство, како и во многубројни приватни колекции во Скопје, Париз, Амстердам, Хаг, Стокхолм, Рим, Њујорк, Вашингтон, Вилмингтон, Феетвил и др. Автор е и на повеќе монументални споменици. За своето творештво, тој е добитник на многубројни награди и признанија, меѓу кои и на високите награди „13 Ноември“ и „11 Октомври“. Академик Глигор Чемерски е роден во Кавадарци на 9 март 1940 година.
2016.- Умрел првиот цртач на Загор, „Духот со секира“, Галијано Фери. Овој легендарен стрип јунак со децении бил популарен во татковината, но и во светот. Фери бил роден во 1929 година, а во 1949 го објавил својот прв стрип кај еден мал издавач во Џенова.