„Нова класика“ е името на концертот на Софиската филхармонија и Националниот филхармониски хор што вечерва во салата на Филхармонијата на Република Северна Македонија во Скопје ќе се одржи под диригенство на министерот за култура Најден Тодоров.
Генералниот директор на БТА Кирил Валчев и дописничката на БТА од Скопје Маринела Величкова го пречекаа маестро Најден Тодоров пред концертот во прес-клубот на БТА во главниот град на Северна Македонија, каде тој даде специјално интервју за БТА.
Маестро Тодоров, не сте прв пат во Скопје, имате големо искуство со публиката во Република Северна Македонија, но програмата за вечерашниот концерт изгледа посебна. Зошто?
-Затоа што тоа е нешто што многу го сакам. Во моите различни гостувања во Скопје, диригирав со операта и филхармонијата во Република Северна Македонија, но за првпат доаѓам со Софиската филхармонија, со која сум длабоко поврзан. Како дете на своето време, многу ја сакам филмската музика, не случајно многумина ја дефинираат филмската музика како нова класична музика, затоа решивме на прекрасната публика во Република Северна Македонија да и ја покажеме оваа нова класична музика со дела од Џон Вилијамс, Енио Мориконе, Ханс Цимер, Дмитриј Шостакович – композитори кои за 50, 80, 100 години ќе бидат симболи на класичната музика.
Ги знаете вкусовите на публиката во Република Северна Македонија. Како очекувате да биде прифатена „новата класична музика“ на сцената на Филхармонијата овде?
-Мислам дека ова е нешто типично не само за публиката во Република Северна Македонија, туку воопшто за публиката на нашето време. Сите ние сакаме филмска музика бидејќи изразува сензации, чувства преку средствата на класичната музика. За разлика од класичната музика на која сме навикнати во 20 век, овој тип на музика ги враќа своите идеи во корените на класичната музика – да нè натера да се чувствуваме, а не да размислуваме. Ова е нешто многу посебно затоа што она што многу ни недостасува во денешно време насекаде во светот е емпатијата. Овој тип на музика буди емпатија.
Изборот на Најден Тодоров за вечерашниот концерт во Салата на Филхармонијата во Скопје вклучува музички дела од филмовите како Пиратите од Карибите, 1492: Освојувањето на рајот, Мисијата, Хари Потер, Индијана Џонс и Војна на ѕвездите“.
Концертот се организира со поддршка на Културно-информативниот центар на Република Бугарија во Скопје.