Група на родители именувана како „Книги и настава мора да има“ формирана на Фејсбук и која брои над 70 илјади членови, најави бојкот на часовите во четврток. Причина е револтот против нацрт-законот за дигитализација на учебниците. Според администраторот на групата, Драгана Спасевска, освен бојкот, се бара прекинувањето на процедурата за донесување на законот, одобрување на протоколи за враќање на учениците во училиштата, повлекување на концептот за спојување на наставните предмети и вклучување на професионалци во подготовка на законите.
„Компјутерот не може да биде алатка за учење со целосно игнорирање на книгата. Има деца со здравствени проблеми со очите, имаат попречености. Тоа е сериозен проблем, тие не може ни од книги да учат, а камо ли со компјутер. Некој нема ниту услови.“
Родителите исто така бараат навремено да бидат информирани за содржината на учебниците.
Министерството за образование соопшти дека промената носи квалитет и напредок и оти поради тоа не треба да биде причина за бојкот на наставата. Од Унијата на средношколци информираа дека тие не се организатори на бојкотот, ниту пак упатиле таков повик, притоа потенцирајќи дека дебатата за дигиталните учебници сè уште не е завршена. Од Унијата велат дека секој ученик сам одлучува од какви книги ќе сака да учи.