Граѓаните без рестриктивни мерки ќе ги обележат претстојните празници Рамазан Бајрам и Велигден. Само во деновите кога се обележуваат овие празници нема да има полициски час. Ова се дел од предложените мерки од Комисијата за заразни болести до Владата, која на утрешната седница ќе разгледа дали ќе ги прифати. Покрај ова, Комисијата предлага од среда полицискиот час да почнува од 21 до 5 часот изутрина, а угостителите за гостите да ги отворат само градините и терасите на кафулињата и рестораните.
„Полицискиот час да се скрати и да започне од 21 часот, а за време на претстојните празници, Велигден значи сабота према недела и 12 према 13 кога се слави Рамазан Бајрам да нема полициски час, односно да може граѓаните слободно да се движат, а во тие денови работењето на угостителските објекти да биде исто како што ќе биде и дотогаш до 20 часот односно 20:30 минути“, рече Венко Филипче- Министер за здравство.
– Advertisement –
Иако предлогот е кафулињата и рестораните по три недели да почнат со работа, угостителите продолжија со протестите. Денеска пред Владата посочија уште еднаш дека само со вистинска и континуирана помош може да се спаси угостителско – туристичкиот сектор.
„Поддршката која досега е доделена не е доволна со оглед на рестрикциите во стопанството и принудните забрани за работа. Затоа, сред пандемија треба да му се помогне на секој што тоа му е потребно. Поради неможноста за работа, нарушената ликвидност и доспеаните обврски за плаќање, се доведува во прашање нивното опстојување“, рече Мартин Ангеловски-Туристичко-угостителска комора.
И од независната угостителска комора денеска доставија иницијатива до Народната банка со која бараат деловните банки делумно да им ги отпишат кредитните обврски за да може да ја вратат финансиската стабилност.
„Очекуваме во најбрз рок да им препорачате на сите банки да извршат делумно отпишување на обврските, намалување на каматите на кредитите за угостителската индустрија и репрограмирање на сите доспеани обврски со што ќе се овозможи на угостителите кои тонат во обврски, да можат ја вратат својата финансиска кондиција“, наведуваат од Независната угостителска комора.
Новите предлог мерки од Комисијата за заразни болести доколку бидат прифатени од Владата би важеле до 15 мај. Препораките на Комисијата за олабавување на рестриктивните мерки се поради намалување на бројот на новозаразени и хоспитализирани во изминатиот период.
Андреа Чобанова