Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари средба со раководството на Факултетот за безбедност – Скопје на која се разговараше за партнерството меѓу академската заедница и Министерството за внатрешни работи, насочено кон јакнење на институционалните капацитети и унапредување на полициската професија.
„Со новиот Закон за внатрешни работи ќе се овозможи законска основа за вработување на студенти од високообразовни институции со кои МВР има потпишано договор за соработка. Тоа ќе овозможи најдобрите млади кадри, веднаш по дипломирањето да станат дел од безбедносниот систем на државата.
Истовремено, разговаравме и за вклучување на стручниот кадар од факултетот во процесите на континуирана едукација и дообука на полициските службеници, како дел од долгорочна стратегија за унапредување на професионалните вештини и стандардите во МВР.“, потенцираше министерот Тошковски на средбата.
Дополнително, во рамки на подготовките за реактивирање на Средното полициско училиште, се разгледа можноста токму наставниот кадар од Факултетот за безбедност да го даде својот придонес и во едукацијата на идните полициски генерации.
Двете страни се сложија ова се конкретни, одржливи чекори што ја поврзуваат науката и практиката во интерес на посилна, обучена и модерна полиција во служба на граѓаните.
Текстот Најдобрите кадри, веднаш по дипломирањето да бидат дел од безбедносниот систем: Тошковски со раководството на Факултетот за безбедност е превземен од МАКФАКС.