Граничниот премин Станке Лисичково – Делчево, кој ги поврзува Република Северна Македонија и Република Бугарија наскоро ќе биде проширен, информира бугарски портал „Благоевград.ЕУ“ со седиште во Благоевград.  Целта како што наведуваат оттаму да се зголеми пропусната моќ на контролниот пункт и да се намали времето на проверка на патниците.

Во информацијата е наведено дека сегашното тесно грло од бугарска страна ќе се прошири на шест ленти по три на влез и излез, а меѓу позначајните работи кои ќе бидат опфатени со реконструкцијата е и изградбата  на нова двокатна управна зграда и згради за темелна царинска проверка на камиони и автомобили.

Поправката на пунктот кој се наоѓа на 10 километри од градот Делчево и ги поврзува Република Бугарија со Северна Македонија официјално, според бугарскиот портал, ќе започне на 21 јуни 2023, а во моментот во тек се подготвителните активности.

Реконструкцијата на граничниот премин во 2019 година го најави и поранешниот министер за внатрешни работи на Република Бугарија, Младен Маринов кој за време на заедничка средба со неговиот колега Оливер Спадовски при тогашната посета на граничниот премин Станке Лисичково – Делчево за МИА истакна дека првите стапки на поврзаност помеѓу двете земји во напорите и поддршката која Бугарија и ја дава на РСМ е токму проширувањето на овој граничен премин.

За оправданоста од проширувањето на граничната точка која ги поврзува двете земји денес зборуваа и бугарските државјани кои и оваа сабота беа присутни на градскиот пазар во Делчево.

-Добро ќе биде и за двете земји ако има проширување бидејкие се зголеми протокот на патници и стока, истакна за МИА, жител на Благоевград при денешната посета на Делчево.

Очекувањата, според порталот „Благоевград.ЕУ“ се во рок од една година на граничниот премин Станке Лисичково да има модерен европски излез.