Во текот на вчерашниот ден вакцинирани се 730 граѓани на пунктовите низ државата. Дневно од 30 до 55 лица се вакцинирале во еден пункт. Според податоците на Националниот систем Мој Термин, заинтересираноста помеѓу граѓаните над 77 години кои го започнаа процесот на вакцинација вчера е висока, односно само 2% од граѓаните кои имале закажано термин не ја примиле вакцината.
Вакцинацијата на лицата кои спаѓаат во 1б групата стартуваше вчера во Скопје, односно во Поликлиниките Јане Сандански, Чаир и Букурешт, во Здравствените домови во Прилеп, Охрид, Гостивар, Штип, Куманово, Велес, Битола, Струмица и во болницата во Кавадарци.
Утре ќе започне и вакцинацијата во останатите градови – Тетово, Струга, Неготино, Крива Паланка, Вевчани, Валандово, Ростуше, Гостивар, Гевгелија, Делчево, Свети Николе, Ресен, Демир Хисар, Крушево, Македонска Каменица, Кратово, Кичево, Кочани, Радовиш, Виница, Пробиштип, Дебар, Пехчево и Македонски Брод.
Вакцинацијата се одвива на постоечките вакцинални пунктови во здравствените установи во градовите низ државата. Пунктовите работат од 8 до 20 часот секој ден од понеделник до петок. Закажувањето на термин го прави матичниот лекар кој е должен на секој граѓанин да му каже во колку часот треба да се вакцинира и на кој пункт во здравствената установа каде се спорведува вакцинација против Ковид 19.