Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 436.072 граѓани.
На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 239.283 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 1.995 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 15.155 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 346.931 дози вакцини, а ревакцинирани се 107.648 граѓани. Со последните бројки 47 % од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 41 % од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.
Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп.
Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.