„Пред почетокот на новата учебна година, земјите во регионот ги соопштија одлуките наставата за учениците да се одвива со физичко присуство под јасно утврдени здравствени протоколи, за разлика од минатата година, кога во повеќето држави имаше целосно затворање на училиштата.
Надлежните се согласни дека за здравјето на учениците е приоритет, но за епидемиолошката состојба да биде стабилна и наставата да се одржува непречено до крајот на учебната година, неопходно е што поголем дел од населението да се вакцинира, пред сè родителите и просветните работници.
Според одлуката на Кризниот штаб за борба против коронавирусот во Србија, наставниот процес во земјата ќе започне редовно, на 1-ви септември, часовите ќе траат по 45 минути, со полн капацитет на училниците. Наставата ќе се одвива по т.н. модел на безбедна средина, кој предвидува учениците да носат маски само додека одговараат, додека вакцинираните наставници нема да бидат обврзани да носат заштитна маска, се додека одржуваат соодветно растојание од учениците.
Во зависност од епидемиолошката состојба, предвиден е систем за спроведување на наставата и преку два други модели, со кои физичката настава ќе се комбинира со настава на далечина или целосно ќе се одвива онлајн при висок степен на ризик.
Флексибилен протокол кој овозможува секое училиште да го регулира начинот на реализирање на наставата според локалната епидемиолошка слика и заболеноста во регионот во кој се наоѓа е донесен и во Бугарија.
Протоколот подготвен од бугарското Министерството за образование, предвидува маските во училниците да бидат задолжителни за сите ученици во основно образование, доколку се наоѓаат во епидемиолошки ризична средина, односно област во жолта, црвена или темно црвена зона. Границата за преминување на онлајн настава ќе биде доколку 10 отсто од учениците се заразени. Бидејќи во моментов речиси сите области во Бугарија се во жолта или црвена зона, учениците ќе ја започнат школската година со задолжително носење маска за време на часовите.
Во Хрватска, планот за одржување на наставата ќе се настојува да се одвива целосно во училниците. Во споредба со претходната, оваа училишна година надлежните најавуваат и порелаксирани мерки. Хрватскиот завод за јавно здравство препорача вакцинација на деца постари од 12 години со хронични болести, за оние кои во семејството имаат таков член, за постарите средношколци и оние кои учат во здравствена, угостителска, туристичка насока и услужни дејности, бидејќи токму тие во текот на практичната настава доаѓаат во контакт со повеќе луѓе.
И во нашата земја оваа учебна година започнува редовно, со физичко присуство во основните и средните училишта, а ќе се одвива под јасно утврдени здравствени протоколи. Ваквата стратегија се покажа како добра минатата учебна година, кога 40 отсто од учениците следеа физичка настава.
Исклучок од оваа одлука ќе бидат децата со ретки болести или попречености, деца кои доаѓаат од семејства со хронично болни членови на семејството, по барање на родителите, или други немедицински причини, со дозвола на училиштето.
MЗ апелира за масовна вакцинација, особено на родителите чии деца ќе тргнат на училиште и во градинка, како би се заштитиле семејствата.
Во случај на влошување на епидемиолошката состојба, МОН по проценка на Комисијата за заразни болести, за реализација на наставата има две резервни сценарија со кои ќе се заштити и зачува здравјето на учениците и наставниот кадар како приоритет, притоа одржувајќи го континуитетот на образованиот процес“, се вели во соопштението на Министерство за здравство.