Министерството за здравство соопшти дека започнало со испраќање на смс-пораки до жени на возраст над 45 години кои се евидентирани во системот Мој термин за ехо и мамографија на дојки. Во пораките кои се испратени се дадени насоки и како да откажат или да го преместат терминот, доколку за тоа имаат потреба.

Медиумите објавија дека во сите шест јавни здравствени установи во Скопје каде може да се направи мамографија нема термин во наредни три месеци.

Целна популација на скрининг програмата се жените на возраст од 45 до 69 години, кои не извршиле преглед во изминатите две години, или никогаш не направиле мамографски преглед.

Во скрининг програмата за дојка може да се пријават жени на возраст од 40 до 44 години, доколку имаат позитивна семејна анамнеза кај еден или повеќе членови во семејството, и тоа со: рак на дојка, овариуми, дебело црево или панкреас.

Кај матичните лекари е изработен посебен модул во кој тие може да ги видат информациите за своите пациентки (дали им е закажан преглед и кога), за што дополнително ќе бидат информирани сите матични лекари по пат на е-маил известување од Управата за електронско здравство, велат од МЗ.

Сите учесници во скринингот може да ги видат закажаните пациентки во своите центри.

Ова значи дека жените со потврден карцином на биопсија во рок од една недела од изготвениот радиолошки извештај и хистопатолошки наод според патеката ќе се упатуваат на торакална хирургија со упат од специјалист радиолог, за што Управата за електронско здравство креира амбуланта за жена од скрининг програмата.

За жените, пак, кои сакаат да направат мамографија и ехо или имаат потреба пред и по операција или онколошка терапија, Националната комисија при МЗ направи патека како жената да стигне на преглед, со цел жената да стигне соодветно на ехо и мамографија согласно здравствената состојба.

За жените во скрининг, кои имаат потреба од дополнителни прегледи е овозможено радиологот да издава упат за ехо преглед, биопсија, торакална хирургија и тоа е најбрзиот пат од суспектен карцином до операција.

Од МЗ велат дека од први ноември годинава продолжиле со националната скрининг програма за рано откривање рак на дојка, имајќи предвид дека за време на ковид пандемијата беше отежнат пристапот до оваа дијагностичка процедура.

Мамографско снимање, односно скрининг мамографија, во моментот се врши во следните ЈЗУ:
Универзитетски институт за радиологија, ГОБ „8-ми Септември“, Универзитетска клиника за хируршки болести Свети Наум Охридски, клиничките болници во Тетово, Штип, Битола, Општа болница со проширена дејност Кавадарци, Гевгелија, Кочани, Општа болница Охрид, Велес, Здравствен дом Скопје – поликлиника Букурешт и поликлиника Чаир, како и во Здравствен дом Радовиш.

Согласно податоците од електронската евиденција на Управата Мојтермин, само за илустрација, во ГОБ „8 Септември“ во октомври се закажани вкупно 149 термини за дијагностика, од кои 94 се реализирани , а 55 жени закажаниот термин не го искористиле. Исто така, во Здравствен дом Скопје- Поликлиника Букурешт за месец октомври, од закажани 208 термини за мамографија, реализирани биле 173 термини, додека 35 жени закажаниот термин не го искористиле.

Преку скрининг програмата дополнително се овозможуваат термини за прегледи на навидум здрави жени и тоа во истите болници каде има и паралелно термини за дијагностика. При што, вкупно, во ноември им е овозможено на 2.499 жени да направат мамографски преглед со скрининг програмата. Од 1 до 10 ноември, 2022 година, вкупно се закажани 963 жени за мамографија, а од нив терминот го искористиле вкупно 390 жени, додека закажаниот термин не го искористиле вкупно 573 жени.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.