Министерството за здравство информира дека и покрај големиот притисок врз болниците во државата, кои се побрзо се исполнуваат со ковид пацинети, обезбедени се слободни места на повеќе Клиники, Институтот за белодробни заболувања Козле како и на интерните клиники.
„Сите болници и медицински кадар се целосно мобилизирани. И во болниците низ државата, секојдневно системот се менаџира, помеѓу постојаните инфективни одделенија во здравствените установи и модуларните болници. Оваа здравствена криза погодена од третиот може најсилен бран досега е присутна насекаде – кај нас, во регионот, во цела Европа. Состојбата е критична, но граѓаните не треба да се грижат, оние кои имаат потреба во секое време добиваат соодветна здравствена грижа и третман во болниците“, велат од таму.
Министерството за здравство упатува апел до сите граѓани да ги почитуваат мерките за заштита од вирусот Ковид 19.
Министерството за здравство ги повикува граѓаните секој индивидуално да даде свој придонес во борбата со корона вирусот и да им помогне на здравствените работници, во оваа исцрпувачка битка која трае повеќе од една година.