Во периодот од 6 август до 2 септември, во земјава се евидентирани 22.416 граѓани позитивни на Ковид 19, од кои 18 отсто биле целосно вакцинирани, односно 4191 лице, а 18.225 граѓани, односно дури 81 отсто не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 87 отсто, додека само 13 отсто од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани.
-Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од четири седмици на територија на државата починале 480 лица со Ковид 19, 429 пациенти или 89 отсто од починатите не биле вакцинирани, а само 51 или 10 отсто примиле вакцина. Според анализите починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања, соопшти Министерството за здравство.
Заразените и починатите се вакцинирани со вакцини што ги има на располагање кај нас, како и вакцини Модерна и Џонсон, кои некои од пациентите ги примиле во странство.
За вакцинирани се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.
-Министерството за здравство укажува на важноста на вакцинација, секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна, ја намалува шансата од заболување, спречува тешка форма на болеста и штити од смртен исход. Министерството за здравство апелира граѓаните да се вакцинираат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на СарсКов2, се нагласува во денешното соопштение.