По повеќе од 24 часовна потрага, пронајдените се трите тела на семејството во реката Лепенец, кое излета од патот Скопје-Блаце по вчерашната сообраќајна несреќа. Попладнево околу 16 часот беше пронајден автомобилот БМВ со косовски регистарски ознаки, а откако возилото беше извлечено од реката, внатре беа пронајдени и безживотните тела. Во соопштението на МВР се вели:

Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека денеска (18.06) од страна на полициски службеници од Специјалната антитерористичка единица Тигар во реката Лепенец  се пронајдени починати трите лица по кои се трагаше по вчерашната сообраќајна несреќа на патот Скопје –ГП Блаце. Пронајдено е и возилото „бмв“ во кое тие се превезувале. Како што веќе претходно информиравме, по наредба на јавен обвинител, возачот на возилото „фолксваген туран“ Б.Б. е лишен од слобода и задржан за понатамошно постапување.

Во возилото БМВ имало и четврти патник, кој е пронајден вчера и пренесен на лекување во ГОБ 8-ми Септември. Според последните информации тој е вон животна опасност.

БМВ-то излета од патот Скопје-Блаце по сообраќајката која се случила вчера околу 15 часот кога се судрило со возило „Волксфаген туран“ со македонски регистарски ознаки. Возачот на ова возило е уапсен. Според информациите од скопското обвинителство, до несреќата дошло откако автомобил со македонски регистарски таблички престигнувал колона автомобили. Во моментот кога автомобилот со косовски регистарски таблички „БМВ“ кој се движел во иста колона стигнал паралелно, двата автомобила се приближиле и се судриле еден со друг, по што автомобилот со косовски регистерски таблички со четворица патници излетал од патот и се преврте во реката Лепенц.