Во врска со случајот со Билјана Ивановска поранешна претседателка на Антикорупциската комисија, Министерството за внатрешни работи известува дека против неа МВР не води никаква постапка.
„За сите пријави и постапки кои што ги води Обвинителството, тоа е единствено надлежно за одговори во врска со истите“, велат од МВР.
„11 часа по објавувањето на мојата кандидатура за градоначалничка на општина Центар, полицајци затропаа на мојата врата“, објави поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и актуелна независна кандидатка за градоначалник на општина Центар.
Во врска со пријавата против Ивановска, Обвинителството соопшти:
„Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје постапува по приватна кривична пријава поднесена на 18.2.2025 година и презема дејства за да ги провери наводите. Како едно од дејствата е испитување на наведеното лице, кое во периодот на кој се однесува пријавата била претседателка на ДКСК. Поканата за испитување од Обвинителството е испратена на 25.7.2025 година и на ниеден начин не може да се доведе во релација со политичките активности на поканетата“.
Текстот МВР: Не се води никаква постапка против Билјана Ивановска е превземен од МАКФАКС.