Министерството за внатрешни работи (МВР) најави дека ќе преземе мерки по заканите кои претседателот на бугарската фондација „Македонија“, Виктор Стојанов ги упати кон полициски службеник, објави „360 степени“.
„Министерството за внатрешни работи информира дека во координација со јавен обвинител ќе ги преземе сите неопходни мерки во врска со заканите и омаложувањето упатени кон полицискиот службеник од страна на бугарскиот државјанин В.С. во врска со вчерашниот настан на Деве Баир. Имено, лицето В.С. веќе има забрана за влез во Република Северна Македонија имајќи го во предвид неговото претходно делување и упатени закани и навреди кон македонскиот народ и правниот поредок“, информира МВР, пренесува „360степени“.
Стојанов вчера преку Фејсбук нудеше награда од 200 евра за оној што ќе ги открие името и презимето на еден од полицајците кои вчера приведоа тројца бугарски државјани на граничниот премин Деве Баир. Оваа порака подоцна исчезна од неговиот профил, а Стојанов за „360 степени“ изјави дека тој не го избришал постот, туку системот на Фејбук го отстранил бидејќи ги нарушувал правилата и поради тоа профилот на оваа социјална мрежа му е блокиран два дена.