ОВР Кавадарци поднесе кривичнa пријавa против М.С.(38), П.С.(62), К.М.(41), Р.Л.(43) и Г.Б.(37), сите од Кавадарци, поради постоење основи на сомнение дека сториле кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „злоупотреба на лични податоци“ и против Р.Ѓ.(51), Т.С.(50), С.С.(51), Л.С.(44), Д.А.(45) и Е.М.(48), сите од Кавадарци, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на лични податоци“ и поттикнување во извршување на кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.

Како што информираат попладнево од МВР, шесто, седмо, осмо, деветто, десетто и единаесетто пријавените, доставувачи и превозници на огреви дрва, во периодот од февруари до октомври 2022 година, набавиле лични податоци од 19 лица од Кавадарци, едно лице од oпштина Ранковце и едно лице од Скопје со лажно ветување дека ќе им донесат огревни дрва од ЈП „Национални шуми“ – подружница Шумско стопанство „Бор“ Кавадарци. Потоа ги поттикнале првите пет пријавени, вработени како самостојни референти во Шумско стопанство „Бор“ да ја злоупотребат службената положба и овластување и да ги злоупотребат личните податоци на овие лица за издавање на „Дозволи за сеча во државни шуми од страна на физички лица за сопствени потреби“, кои согласно член 66 од Законот за шуми се издаваат на лица со место на живеење во рурални подрачја и по поднесено лично барање.

-Со ваквото дејствие пријавените предизвикале штета на ЈП „Национални шуми“ – подружница Шумско стопанство „Бор“ Кавадарци со 157 кубни метри исечено огревно дрво или 256.291 денари, велат од МВР.