„Сините“ униформи трагаат по 400 сторители на кривични дела кои успеале да избегнат соочување со правдата. 90% од сторителите на кривично дело се мажи, додека 10% се жени. Министерството за внатрешни работи со меѓународни потерници трага по 103 сторители, додека повеќе од половина од нив, 57, се распишани во последните пет години.
„Се бараат околу 400 лица со меѓународна потрага. Најчесто се гонат за тешки кражби, кражби, помалку за разбојништва, насилство, измами, фалсификување, убиство и многу мал процент за обљуба – околу 5%. Мажи се околу 90%, додека жени околу 10%. Има неколку потерници од 2000 год за кривични дела, „Убиство“, Недозволена трговија со оружје и недозволена трговија со дрога“, велат од МВР за „Фронтлајн“.
Во скопскиот кривичен суд, како што дознава Фронтлајн, во моментов се активни 368 потерници, за лица кои треба да одлежат затворска казна или за оние кои треба да се јавуваат на дневна основа, бидејќи се условно пуштени.
Според статистиката на МВР, над 90 отсто од бараните со меѓународна потерница имаат македонско државјанство, додека 10 отсто имаат странско државјанство.
Меѓу бараните повеќе од 25 години е и Ацо Боцевки познат како „Аце Циганот“ од Скопје. Прекарот „Аце Циганот“ го добил по насилна интервенција во дискотеката „Хард рок“ во Скопје, додека полицијата го бара по меѓународна потерница за убиството на бизнисменот Сеад Ибрахими од Драчево – Скопје. На убиството му претходела неколкуминутна бркотница со автомобил низ скопските улици. Автомобилот „мерцедес“ со кој управувал Ибрахим излетал од патот во близина на зградата на осигурителната компанија „Kjуби“, додека зад него бил „Аце Циганот“ кој пукал во Ибрахим. Боцевски на 30 јуни 1998 година беше осуден на 15 години затвор, а по затворањето – мистериозно беше ослободен и успеа да ја напушти државата. Доколку Ацо Боцевки не може да биде изведен пред лицето на правдата во следните пет години, предметот за кој е обвинет ќе застари.
Меѓународна потерница е распишана и по поранешниот премиер на Северна Македонија, Никола Груевски, кој е обвинет од Специјалното јавно обвинителство за тешки кривични дела за големи финансиски злоупотреби и злоупотреба на службената положба. Тој успеал на „шверцерски“ начин да ја напушти земјата и да се засолни во Унгарија, земја каде што добил статус на азил.
Недостапни за органите на правдата се и двајцата поранешни високи функционери на тајната полиција. Тие се обвинети дека ја уништиле опремата со која незаконски биле прислушувани илјадници функционери, бизнисмени и граѓани на земјава, Никола Бошковски и Горан Грујевски, кои побегнале во Грција.
Со меѓународна потерница се бара и Неше Рамизи 39-годишната родена во Гилане – Косово, а живее во Скопје. Таа се бара со наредба за сторено кривично дело по чл.394, чл.353 и чл.273 од Кривичниот Законик на Севрна Македонија за издржување на казна затвор во траење од 7 години. Таа е обвинета за сторено кривично дело „золсторничко здружување“, „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“.
Косовските власти пред три години одбија да ги екстрадираат двајцата обвинети во случајот „Монструм“, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ.
Дестан Јонузи/Frontline.mk