Министерството за внатрешни работи на својата веб-страница постави линк до регистарот на напади врз новинари кој води до страницата на Здружението на новинари на Македонија каде е објавен регистарот. Овој регистар прикажува случаи на повреди на правата на новинари — со детали за видот на нападот, локацијата, статусот на пријавата и постапката.
„Безбедноста на новинарите за Министерството за внатрешни работи е еден од врвните приоритети и во изминативе години интензивно се работи на ова поле, а видливи се и резултатите од ваквата посветеност. Меѓу другото, беше одредена и контакт-точка, што многу придонесе за побрзо и поефикасно расчистување на случаите што се поврзани со новинарите. Се разбира, во координација со ЗНМ, Министерството за внатрешни работи продолжува да работи на ова поле“, велат од МВР.
Од таму информираат дека формирањето на националниот комитет за заштита на новинари претставува меѓуресорско тело комбинација од владини институции и невладини организации меѓудругото поврзани во новинарската фела. Процесот на формирање е во тек и по неговото финализирање една од примарните задачи ќе биде носењето на Национален акциски план за заштита на новинарите. Ова е процес кој се спроведува во рамки на кампањата на Советот на Европа Safety of Journalists, во координација со националната контакт точка.
Од МВР велат дека координацијата помеѓу полицијата, обвинителството и новинарските организации е на високо ниво и тоа многу придонесува за брзо и ефикасно решавање на случаите кои се однесуваат на новинарите.
„Ваквата соработка треба да продолжи и во наредниот период со цел понатамошно ефикасно расчистување на било каков случај на напад врз медиумски работник. Водејќи се од мотото „Секогаш може подобро“, полицијата, обвинителството и новинарските организации во голема мера во блиска иднина ќе ја зголемат и подобрат веќе постоечката висока меѓусебната соработка“, велат од Министерството.
МВР апелира до сите новинари доколку се соочат со закани, вербални или физички напади, или друг вид на притисок, веднаш да ги пријават случаите. Министерството за внатрешни работи е обврзано да ги санкционира сторителите и да го заштити правото на јавноста за слободно информирање.