Денеска на настан во организација на Министерството за внатрешни работи се одржа промоција на документот „Проценка од закани од сериозен и организиран криминал – СОКТА 2025“.
Овој настан организиран со поддршка од ЕУ за зајакнување на борбата против криумчарењето мигранти и трговијата со луѓе за Западен Балкан (EU4FAST), претставува клучен чекор во унапредувањето на националните капацитети за справување со предизвиците поврзани со сериозниот и организираниот криминал.
Директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Александар Јанев во своето обраќање потенцираше дека СОКТА 2025 претставува продолжение на стратешкиот циклус за проценка на закани, со цел утврдување на приоритети, како и креирање стратегии и зајакнување на институционалните и оперативните капацитети и потврди дека самиот документ ќе придонесе за поголема ефективност во превенцијата и борбата против криминалот преку сеопфатен, координиран и стратешки пристап.
„Борбата со организираниот и сериозниот криминал е предизвик кој заслужува внимание од сите чинители кои се надлежни и должни да постапуваат и да се борат против криминалот во овој домен. Токму ова е и целта на оваа Проценка, која претставува систематски изработен стратешки документ кој има за цел да ги детектира заканите од организиран и сериозен криминал, вклучувајќи ги и оние кои се реално присутни и заканувачки во овој период, како и оние кои се во настанување или може да се развијат во следниот период“, образложи директорот Јанев.
Директорот на БЈБ Јанев на крај заклучи дека Проценката е системска алатка за градење на Национална стратегија за борба против организираниот криминал, која е неопходно да биде донесена и како формален документ кој ќе биде основа и императив за постапување на сите чинители кои се вклучени во овој домен.