Авганистанските разбојници кои извршиле физички напад и кражба се илегални мигранти кои влегле во земјава од Грција и никако не се поврзани со граѓаните за кои државата обезбеди хуманитарна помош, велат од МВР.
-Апелираме до медиумите и до граѓаните да ја направат оваа разлика со цел да не се создава омраза кон миротворното население од Авганистан за кое се спроведува меѓународна хуманитарна акција да биде извлечено и спасено од талибанските власти, додаваат од таму.
Инаку, вчера беше соопштено дека Основното јавно обвинителство Куманово поведе постапка против двајца авганистанци, на возраст од 31 и 25 години, поради постоење на основано сомнение дека го сториле кривичното дело – Разбојништво од член 237 став 1 од Кривичниот законик.
Осомничените на 13.09.2021 година, во место викано Чифлик, во атар на с. Табановце, со употреба на сила и сериозна закана одзеле од оштетениот, државјанин на Индија, подвижен предмет со намера противправно да го присвојат. Осомничените телесно го повредиле оштетениот откако со сериозна закана и со употреба на нож и на тврд подесен предмет го удриле во пределот на главата. По ударот жртвата паднала на земја, по што двајцата осомничени му ги врзеле рацете и нозете и сериозно му се заканиле дека непосредно ќе нападнат врз неговиот живот и тело ако не им ги даде сите пари што ги има. Осомничените одзеле 440 евра, а потоа повторно почнале да го удират оштетениот и го присилиле да побара од неговиот брат да му испрати парични средства преку Money Gram во износ од 2300 евра за да биде ослободен.