Народни носии, предмети за домаќинство и обработка на земја, накит, монети, се само дел од стотиците вредни експонати од македонското културно наследство и историја изложени во приватниот Музеј на Јоне Евтимоски во преспанското село Подмочани.

Собирањето стари предмети за една од најбогатите приватни етнолошки колекции на Балканот, па и пошироко веќе пет децении е хоби на овој неуморен љубител на фолклорот, традицијата и културата. Преку народните носиите и бројните експонати визуелно ја претставува традицијата и облекувањето на македонскиот народ во 19 век и првата половина на 20 век.

Повеќето од експонатите Јоне сам ги купил, а со колекционерството почнал од негови 14 години.

– Идејата произлезе уште од моето детство. Кога имав 14 години по училиште пасев говеда, а кога ја земав платата скрив малку пари, односно не му ги дадов сите на татко ми. Отидов на пазар во Битола и оттаму ја купив првата носија – битолската, вели Евтимоски.

Љубителите на фолклорот и традицијата имат можност да пропатуваат низ времето преку автентично уредените катчиња во дворот и куќата на Јоне, кои сведочат за историјата на македонскиот народ.

Дворот на Евтимоски не враќа во минатото

Јоне не пречека на улицата покажувајќи ни ја куќата, чиј двор не навраќа во далечното минато, кога земјата се обработувала со волови, храната се чувала во ќупови, а се користеле и некои алатки, кои сега се сосема непознати. На самиот влез од дворот не дочекаа големи ќупови, во кои некогаш се чувало жито, но имаше и од оние за туршија. Во средината на дворот се наоѓа бунар со вода, а во негова близина е сместена колата, која некогаш била влечена од волови и служела за транспорт на стока и патници.

Навлегувајќи подлабоко во внатрешноста низ разговор на шеговит начин домаќинот ни ги претставуваше експонатите, меѓу кои беше малиот казан за печење ракија. А објаснување за неговата минијатурност била забраната за печење ракија во времето кога државата била под турско ропство, и кога ќе поминеле контроли кажувале дека домаќинката готви ручек.

До казанот за ракија стои и амбарот за жито, алатката за правење цигари, како и други предмети и садови, кои имале своја примена во минатото. Внатре во една од зградите, која некогаш била плевна изложена е дел од збирката со народни носии, како и дел од експонатите. Тука е сместен разбојот, ковчег, рувото од неговата сопруга, а гордо говореше и за нејзината венчаница која има посебно место во просторот. Етнолошката збирка поседува и кантари, бутини, кошници, грамофони, колевка за бебе, корито за перење, текме за месење леб…

Музејските витрини изобилуваат со накит. Претставени се и повеќе фотографии кои сведочат за тоа време, меѓу нив во колекцијата има и необјавени слики со Гоце Делчев, кои ги купил од Битола, а за чија автентичност сака потврда и од стручни лица.

Богата етнолошка збирка со над 300 народни носии

Во адаптиран простор од околу 60 метри квадратни, кој некогаш бил плевна денеска се изложени народни носии од повеќе краишта низ државата. Но тоа е само дел од колекцијата на Јоне, тој во етнолошката збирка имал над 300 оригинални комплети од сите етникуми.

Секоја носија, за него има своја приказна, ги распознава сите по везот и по деталите. Народните носии во Македонија, посочува, најчесто се изработени од волна со ткаење и плетење, украсени со различни везови и други детали карактеристични за регионот, а доминираат црвени нијанси.

Најстарата носија во колекцијата е од 18 век, купена од Даница, македонка, која зборувала турски, односно била потурчена. Носијата, нагласи Јоне била изработена од чиста свила. Останатите носии се од 19 и 20 век и го карактеризираат традиционалното облекување на македонскиот народ во тој период.

Претставените народни носии во етнолошката музејска збирка се комплетни со кошули, елеци, скутници, шамии, чорапи, везови и накит, како и други детали карактеристични за регионот од кој доаѓаат. Нашиот домаќин приказната ја почна со раскажување од првите поставени модели, машка и женска носија од Мијаците. Потоа продолжи со презентација на мариовската, па носиите од Скопје, Овчеполието, Гевгелија, Берово, Кумановско, Штипско, Битолско, Прилепско, Охридско, Демир Хисар… Во низата се и носиите на власите од Македонија, македонците муслимани, додека во другиот објект има комплет носии од евреите од Битола и Штип.

Музејот е посетуван од туристи од земјава, но според него, повеќе се интересираат странците. Со задоволство ни раскажа за случка со посетители од Грција, кои разгледувајќи ја збирката за една од македонските носии кажале дека е грчка.

– Кога дојдовме до овој модел викаат ова е наша носија, не реков ова е наша носија и почнавме да се расправаме. Им реков ајде да не се караме во музеј не треба политика да водиме. Тука е претставен цел свет и нашата земја. Им реков вие имате грчко писмо, а ние кирилично, ја запрегнав кошулата и го прашав господинот што пишува. На долниот дел од кошулата напишано е името на сопственичката, со кирилично писмо пишува Фана. На тоа не ми дадоа никаков коментар, додава Јоне.

Покрај изложените народни носии во депоата на Јоне се кријат и албански, турски, ромски, влашки и други носии. Вели дека скоро сите сам ги купил, само две-три му биле подарени. А сам ги реставрира и ги поправа доколку се оштетени.

Носијата од Преспа единствена на Балканот црна и без украси

Посебно внимание привлекува носијата од Преспа и тажната приказна која се крие зад неа. Имено, приказната што Јоне ја слушнал за оваа носија и ни ја пренесе е дека единствено на Балканот, Преспа имала црна носија без вез и други украси.

– Кога дошле турците на Балканот заклале машка особа, а жените кои плачеле за блискиот, го фрлиле везот од носијата, но кројот, односно моделот го задржале. Тие се заколнале дека ќе останат во црнина и ја носеле истата носија и за свадби и за погреби, раскажува Евтимоски, правејќи споредби на стари фотографии од неговата колекција каде се прикажани невести облечени како и останатите, само на главата имаат бело.

Тој дури ја анализира и разликата околу врзувањето на шамиите кај жените во разни предели во Преспа, во државата, но и од соседна Грција и Албанија.

Музејот посетуван од видни политичари, но институциите без слух за негово осовременување

Експонати од збирката се изложени и во неколкуте соби од куќата, сите покриени со ткаени килими со богат колорит. И килимите имаат свои приказни. За нас ја издвои приказната со килимот од еврејската соба, чија основа е направена од волна, а лицето од оригинал свила. Музејот од Атина, како што кажува Јоне, сакал да го купи тој килим, но не сакал да го продава.

Етнолошкиот музеј на Јоне бил посетуван и од многу политичари, меѓу кои поранешни претседатели на државата, но и покрај барањата за помош за подобрување на условите, тврди дека институциите немале слух за тоа.

Фото: МИА

Слаѓана Стојкова Костоски