Главниот извоз на Бугарија во САД се компјутери и електроника, а не како што некои мислат земјоделски производи, покажува взаемно корисната соработка меѓу САД и Бугарија, изјави американската амбасадорка во Софија, Херо Мустафа.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, амбасадорката Мустафа кажа дека на Бугарија и е потребна интеграција со западните пазари. Таа го изрази своето длабоко уверување дека заедно двете земји можат да бидат посилни.
Бугарија мора да се интегрира со Организацијата за економски развој (ОЕЦД) и еврозоната, а Софија мора да им се придружи, порача Мустафа додавајќи дека тоа е иднината на Бугарија.
Според американската амбасадорка во Софија, Бугарија има потенцијал да стане силен регионален енергетски центар со гасен интерконектор меѓу Бугарија и Грција, нагласувајќи дека отсекогаш се залагала за негово создавање и дека ќе продолжи тоа да го прави.
Амбасадорката Мустафа во говорот пред Американско-бугарската стопанска комора ја истакна и набавката на авионите Ф-16 за потребите на бугарското воздухопловство.
Таа, исто така, истакна дека Вашингтон и Софија продолжуваат да работат стратешки во регионот на Црното Море.
-Во нашиот меѓусебно поврзан свет, бизнисот не е само профит, рече Мустафа, нагласувајќи дека приватниот сектор мора да игра улога во справувањето со социјалните проблеми. Во Бугарија се случуваат позитивни промени во толку многу области, и покрај толку многу предизвици, рече амбасадорката и резимираше дека зголемените инвестиции, иновациите и интеграцијата помагаат да се поврзат бугарската и американската економија.