Директорот на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу тврди дека неговото разрешување од претседателката Гордана Силјановска е поради политички притисоци прекршувајќи го мерит системот.

„Посебно сум разочаран од постапката и начинот кој го избра при моето разрешување, не покажувајќи доблест да се сретнеме на прва информативна средба на која би добила брифинг за природата на работата на Агенцијата и за безбедносното опкружување и актуелната состојба во регионот“, вели Муслиу во писмена изјава по неговото разрешување.

Тој вели дека со гордост и посебна чест ја раководел Агенцијата во изминатиот период, во кој вложил надчовечки напори да го подигне квалитетот на разботата и да го пренсе искуството на помладите колеги.

„Честа е уште поголема и заради фактот што јас сум првиот албанец во историјата на безбедносно-разузнавачката заедница во нашата држава на кого во 2019 година му беше доверена задача да ја предводи АР“, истакнува Муслиу.

И покрај тоа што бил изложен на гнасна дезинформациска кампања од размери на политички линч од кој имал и негово семејство, тој се гордее со разбивање на табуата во општество дека Албанец и непартиска личност може успешно да ја извршува функцијата и да биде почитуван од колективот и разузнавачката заедница.

“Пионер сум во идејата и достигнувањето највисоко ниво на родова застапеност и еднаквост како и на раководно ниво во АР, како и во делот на етничка рамноправност давајќи простор на сите од етничките заедници застапени во нашето општество да бидат дел од АР“, додава Муслиу.

Според него, за време на неговиот мандат Агенцијата успеала да ги надгради техничките капацитети во процесот на дигитализација , информатичка и кибер безбедност, а резултати имал и во стратешките зафаќања и оперативно-разузнавачките активности самостојно или во соработка на сојузници.

Муслиу изразува благодарност до колективот на Агенцијата за безрезервна подршка во тешки времиња на ковид пандемијата, реформата на АР, активностите со отпочнувањето на Руската агресија на Украина,конфликтот во Газа како и регионалната нестабилност во соседството.

На крај, тој и посакува успех на новата директорка на АР и на колегите во чување и бранење на државата не затоа што е голема или мала, туку затоа што таа е НАША! Р.З.