Многу држави ја користат ковид-дипломатијата во нивната хибридна стратегија како елемент за притисок, и ние како држава сме изложени на тој медиумски притисок, изјави Еролд Муслиу, директорот на Агенцијата за разузнавање.
„Една од клучните приоритети во работата на Агенцијата, кој е дефиниран во член 4, е геополитичкото ривалство кое развива хибридни стратегии и закани. Секако дека ние како сојузници во НАТО имаме приоритети. Како АР имаме национални и безбедносни приоритети, а како сојузници во НАТО ги споделуваме безбедносните приоритети со Алијансата. Хибридните стратегии секако дека влегуваат во тие приоритети. Не може секоја држава да развива стратегија за хибридно делување. За тоа треба моќ, треба многу алатки. Големи држави во светски рамки, но и во регионот, развиваат хибридни стратегии за делување и за мешање во внатрешни работи и други процеси. Развиваат и специјални операции и ги користат сите елементи и алатки што им се на располагање за да можат да влијаат… Секако дека како разузнавачка агенција ги следиме сите овие процеси“, рече Муслиу додавајќи дека работат разузнавачки и во држави кои се во нашето опкружување, а не се членки на НАТО
За лажните вести како закана по безбедноста, Муслиу укажа на вестите поврзани со пандемијата со ковид-19.
„Не мора да анализирате политички, економски и енергетски, земете ја последната година со пандемијата и ќе видите колку сме изложени на медиумски притисок со лажни вести. Ковид дипломатија, ковид речник, бројки, толку вакцини донесени, таа држава пријателска донела толку вакцини. Тие држави кои што развиваат хибридни стартегии оваа ковид-дипломатија ја користат во нивната хибридна стратегија како елемент за притисок. Под притисок се многу влади во овој дел, да не зборуваме за 5Г техологијата и други прашања“, рече Муслиу.
За тоа дали АР ќе соработува со граѓанскиот сектор во овој дел, Муслиу нагласи дека тоа е прашање во делот на безбедносната култура.
„Ние како служба ја вршиме нашата работа, прибираме сознанија, ги знаеме кои се актерите, точките од кои што се делува, ги има на Балканот. Ние како територија и држава сме изложени на тој медиумски притисок. Ќе треба да соработуваме со граѓанскиот сектор во онаа мера во која ќе ни биде дозволено, а да не ги нарушиме нашите оперативни активности“, рече Муслиу на денешната завршна конференција во рамки на „Програма за реформи во разузнавачкиот сектор во Северна Македонија (2017-2020)“ во Скопје во организација на тинк-тенкот ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии во соработка со ДЦАФ од Женева.