Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска учествуваше на неформалниот состанок на Советот за општи работи (ГАК) на Европската Унија, кој во рамки на Полското претседателство, вчера и денес се одржува во Варшава.

Претставниците на земјите-членки, земјите кандидатки и потенцијални кандидатки за членство во Унијата, дискутираа за актуелните хибридни закани со кои се соочуваат и земјите-членки на ЕУ и аспирантите за членство. Министерот Муртезани имаше свое обраќање во рамките на дискусијата, при што нагласи дека Северна Македонија директно се соочува со хибридни закани, особено по целосното усогласување со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

Тој истакна дека дезинформациите, кибернападите и обидите за дестабилизација на демократијата се дел од поширока стратегија за поткопување на европските вредности и довербата во процесот на проширување.

Во тој контекст, ја потенцираше важноста од зајакната соработка со ЕУ во областа на кибербезбедноста, размена на информации и интегрирање на земјите кандидатки во европските механизми за безбедност.

Текстот Муртезани во Варшава: Македонија се соочува со хибридни закани, важна е зајакнатата соработка со ЕУ е превземен од МАКФАКС.