Во рамки на дводневната работа посета на Мадрид, министерот за европски прашања на Република Северна Македонија, Орхан Муртезани, се сретна со државниот секретар за Европска Унија во шпанското Министерство за надворешни работи, Европска Унија и соработка, Фернандо Мариано Сампедро.
Соговорниците изразија заемно задоволство од одличните билатерални односи, базирани на заеднички демократски вредности, членството во НАТО и заемна почит.
Муртезани ја поздрави континуираната и принципиелна поддршка од страна на Кралството Шпанија за европската перспектива на земјата и на регионот Западен Балкан.
Посебен акцент во дискусиите беше ставен на поддршката за отворањето на Кластерот 1 (Фундаментални вредности), како следен чекор во пристапниот процес, по успешно завршениот скрининг за сите кластери според ревидираната методологија.
Муртезани информираше за тековната имплементација на Реформската агенда 2024-2027 и активностите поврзани со Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, особено во насока на дигитална и зелена транзиција, владеење на правото, регионалната соработка и економската отпорност.
Ја истакна важноста од натамошна шпанска поддршка за принципот на заслуги и неполитизирање на пристапниот процес, со оглед на потенцијалните регионални предизвици кога би се билатерализирал европскиот процес.
На средбата беа разгледани и можностите за унапредување на билатералната соработка, особено во економијата, енергетиката, одбраната, културата и образованието.
Сампедро и Муртезани разговараа и на теми од регионално и глобално значење, вклучувајќи ја поддршката на Северна Македонија за Украина, позициите во однос на блискоисточниот конфликт и регионалната стабилност на Западен Балкан.
Во овој контекст, министерот го поздрави ангажманот на Шпанија во рамки на Берлинскиот процес и нејзината поддршка за интеграцијата на регионот во Унијата. Муртезани ја реафирмираше цврстата определба на Северна Македонија за членство во ЕУ и изрази очекување дека со натамошната поддршка од Шпанија, процесот ќе продолжи со засилен интензитет. Тој упати покана до државниот секретар Сампедро за возвратна посета на Скопје, со цел продолжување на дијалогот и натамошно продлабочување на соработката.
Текстот Муртезани во шпанското МНР: истакната важноста од натамошна поддршка за принципот на заслуги и неполитизирање на пристапниот процес во ЕУ е превземен од МАКФАКС.