На денешната седница на Владата на Република Северна Македонија беше усвоен заклучок со кој министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, е назначен за национален координатор за спроведување на реформската агенда.

На седницата исто така беше утврден предлог-моделот за формирање структура за спроведување на инструментот за реформи и раст, кој произлегува од Регулативата на ЕУ 2024/1449 за воспоставување на инструментот за реформи и раст за Западен Балкан, со која се дефинира реформската агенда на Северна Македонија, како и од нацрт-договорот за инструментот за реформи и раст и нацрт-договорот за заем.

Со овој предлог-модел Министерството за европски прашања во координација со надлежните институции треба да ги преземе неопходните чекори за операционализација на структурата, што вклучува подготовка на сите процедури, упатства, насоки и други документи за мониторинг, известување и евалуација, како и јавна внатрешна финансиска контрола и ревизија, за спроведување на реформската агенда.

По утврдувањето на текстот на нацрт-договорот за инструментот за реформи и раст, Владата го овласти министерот Муртезани да го потпише, соопштија од неговото министерство.