Жозе Мурињо откри што му дофрли на Јирген Клоп по поразот на Тотенхен на „Енфилд“.
Ливерпул во дерби пресметката на лидерите на табелата во Премиер лигата со 2:1 го совлада Тотенхем и тоа благодарение на голот на Роберто Фирмињо во 90. минута.
Со трите бода, Ливерпул се одвои на челната позиција на табелата со 28 бодови, додека Тотенхем остана на 25.
Поразот во последната минута тешко му падна на Жозе Мурињо кој на крајот од натпреварот размени неколку реченици со Јирген Клоп. Очигледно е дека тоа беше интересен разговор бидејќи четвриот судија Мајк Дин застана помеѓу двајцата тренери.
Португалецот потоа објасни што точно му дофрлил на својот колега на клупата на Ливерпул.
– Му реков дека подобрата екипа загуби. Тој не се согласи со тоа, но тоа е негово мислење. Доколку јас се однесував како него покрај аут линијата и им приговарав на судиите, веднаш ќе ме казнеа. Бевме поблиску до победата, го контролиравме натпреварот. Дури и реми ќе беше лош резултат, а можете да замислите како се чувствуваме по пораз. Луѓето сакаат да зборуваат за поседот на топката, но за мене поважно е тоа што го правите со топката, имавме шанси – изјави Мурињо.
Клоп веднаш му одговори на Мурињо.
– Не знам за што зборувате. Мурињо не изгледаше среќно, ми рече дека подобрата екипа загуби. Мислев дека се шегува, но очигледно е дека бил сериозен. Ние одигравме многу добар натпревар против екипа која е мајстор за брзи контранапади. Доколку ја загубиш топката во опасната зона, шансите дека ќе примиш се 80 проценти- изјави Клоп.
По натпреварот се огласи и дефанзивецот на Ливерпул, Трент Александер-Арнолд кој одлучи да се пошегува со Мурињо и напиша:
„Подобрата екипа победи“.