Пишува: Владимир Перев

На 6-ти мај 2023 година, на петмина граѓани на Република Бугарија им беше забранет влезот во РС Македонија и им беа врачени решенија со кои беа прогласени за “persona non grata”, па следствено на тоа, беа вратени назад во нивната матична држава. Меѓу вратените беа бугарскиот европратеник Андреј Ковачев и бизнисменот и филантропот д-р Милен Врабевски. Треба да се напомене и тоа, дека со лични средства и залагања на д-р Врабевски беа обновени воените гробишта од Првата светска војна во Ново село, но и се придвижи подобрувањето на односите меѓу двете афтокефални цркви. Двајцата доаѓаа на бугарските воени гробишта во струмичко Ново Село, на панахида која ја одржаа владици и свештеници од двете афтокефални православни цркви, МПЦ-ОА и БПЦ. Така, со едно обикновено решение и со полициска намеса, се направи дипломатски инцидент без преседан во современата македонска историја.

Дали е проблемот во историјата? Веројатно да! Поточно, во методологијата на нејзиното претставување, најточно, во мултиперспективниот поглед кон историските појави и собитија, толку многу популарен меѓу македонските и некои бугарски историчари. Всушност, се работи за обикновено замаглување на вистината и нејзино претставување во некоја посакувана димензија, вон фактичката состојба.

Интересно е мулитиперпективно да се разгледаат резултатите од Втората светска војна, за тоа кој ја доби војната: Ја добија ли покрај САД, и Јапонија и Германија, а ја загубија ли СССР и Југославија кои се распаднаа и сеуште се распаѓаат во крв. Да, дали Британија ја доби или изгуби Втората светска војна, со тоа што престана да биде вистинска колонијална сила?!
Со мултиперспективен поглед кон фактите и Хитлер го толкуваше местото на Германија и германскиот народ, прво во европската историја, за потоа да премине на уредување на светската историска и религиска сцена. Стана главен носител на идејата за посебна визија на историјата и битието на германскиот народ, за потоа да се претвори во божество. Тука може да се говори и за, во научните кругови, често посочуваниот “култ на личноста“ на поедини светски раководители, како Сталин, Мао Це Тунг, нашиот Тито, Кастро и ред други низ светот. Култ на личноста е само еуфемизам за фашизам и за фашистички диктататори, кои сите до еден имаат концлагери и еднопосочен поглед на историјата во полза на сопствените амбиции. И конечно, не само Хитлер бил расист и антисемит, ги има и денес и тоа во многу држави. Распадот на СССР и СФРЈ ги покажа длабоките разлики на народите, расното и верското насилие, а и сега тоа се случува во определени региони на Кина, Бурма и ред други држави.

Не е само погледот на македонците едидинствено кон Бугарија мултиперспективен-тој е воопшто таков. Македонија е држава со свое знаме, грб и химна, но дали е мултиперспективно, на официјални собитија да се веат знамињата од Вергина, оние од кои ние одамна официјално сме се откажале? Сето тоа поминува неказнето, необсудено и премолчено. Тука се и великодостојниците на МПЦ-ОА кои, веројатно за внатрешна употреба ја употребуваат синтагмата, “не е важно кој како не нарекува, ама ние сме си Македонска ПЦ-ОА, а другите нека си говорат и нѐ нарекуваат како сакаат“! Добро е тоа за нас, патриотски е, ама на “пасошот“, поточно на томосот, веќе пишува нешто друго! И ова е нели, мултиперспективно! Во тој самобендисан стил на управивање, посебна ролја има фундаменталистички толкуваната религија, па така се бришат границите меѓу државата, црквата и човечките должности.

Ако утврдувањето сопствена историја е утврдување на позиции кои се некомпатибилни со светските достигнувања, добиваме сопствен поглед кон нациите и расите. Мислам, едните се “чисти и антични“, а другите се “валкани татари“. Така се раѓа Холокаустот, како мултиперспективен поглед кон суштината на расите и човечката раса воопшто. Сѐ започнува со идејата за иберменш и сѐ завршува со Хитлер или некој современ диктатор или бегалец.
Треба да се прифати дека историјата има утвредени правила, единствено засновани на документи. Ако нешто може да се толкува мултиперспективно од времето на антиката или средновековието, за период во кој нема достатачно материјали и документи, модерната историја не трпи “варијации на темата“, поточно не трпи беневолентности и нарушување на здравиот разум.
Некаде во нерегулираните пространства меѓу политиката, историјата и религијата, треба да се бара решението за одбивање на влезот на еден европски парламентарец во ликот на Андреј Ковачев и на еден бизнисмен, лекар и филантроп, д-р Милен Врабевски. Така, Македонија денес се наоѓа на ивицата на политичкото безумие, инспирирано од ретроградните толкувања на историјата, “како слугинка на политиката“, закоравена во сопствените нереални и нереализирани амбиции и цели. Затоа и стигнавме до “Скопје 2014“, па до понижувачкиот договор со Грција, бегалецот во Будимпешта и “преселбата“ на Петата управа на ДБК во Грција!

Мултиперспективно гледано, Македонија денес, во сите свои “перпективи“ се соочува со сопствената гибел…нешто треба да се промени во нашата “перспективност“!