За мене беше голема чест и задоволство да ја претставувам Бугарија на еден од најпрестижните светски поетски фестивали како дел од неговото големо поетско семејство. Ова за порталот Трибуна го изјави бугарската поетеса Поли Муканова, која зеде учество на 63-от меѓународен поетски фестивал „Струшки вечери на поезијата“.

„Годинава за прв пат добив покана да учествувам на фестивалот „Струшки вечери на поезијата“, што се одржа во градот Струга во периодот од 22 до 26 август годинава. Успеав да создадам контакти со голем број поети од целиот свет и се разбира со поети од Република Северна Македонија. Во рамките на фестивалот учествував со три читања на официјалното отворање, во културниот центар „Браќа Миладиновци- Струга“- Поетски меридијани, потоа второто мое претставување се случи под насловот „Кругови“- меѓународно поетско читање во манастирскиот комплекс Калишта- Струга. На 26 август прочитав мое стихотворение во рамките на меѓународното поетско читање во Музејот на современа уметност во Скопје “, вели Муканова.

Бугарската поетеса Поли Муканова веќе неколку години има соработка со колеги писатели и творци од Република Северна Македонија. Има учествувано на неколку литературни фестивали во РСМ како „Караманови средби“ во Радовиш, „Рацинови средби“ во Велес, „Поетска ноќ“ во Велестово и “Ditët e Naimit”во Тетово.

Во РСМ се издадени две нејзини книги „Мигови во кибритна кутија“ (Охрид: Нац. и унив. Библиотека „Григор Прличев“, 2009) и „Школките имаат два дела“(Скопje:ПНВ публикации, 2016).
Нејзини дела се објавени во антологии (16 бугарски поети – избор од современата бугарска поезија) и други литературни изданија низ годините.

По нејзина адаптација на бугарски литературен јазик во Бугарија излегуваат: романот „Годишни времиња“ на Јулијана Величковска
(ЕРГО, 2017) , стиховите на Зоран Јакимовски, книгите „Картографирање на себеси“, „Избрана поезија“ (EРГО , 2023) на Славица Гаџова Свидерска и „/Не/удобството на съществуването“, избрана поезија (ДА, 2023) од Лидија Димковска.