Апелациониот суд го потврди решението со кое е продолжена мерката притвор на поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири. Од Судот за МИА потврдија дека апелационите судии ја одбиле жалбата на Зеќири со која тој побара да биде пуштен да се брани од слобода.
По оваа одлука на Апелациониот суд поранешниот владин генерален секретар останува во притвор во истражниот затвор „Скопје“.
Одлуката за продолжување на мерката притвор за нови 30 дена за Зеќири ја донесе Кривичниот суд на 5 мај, со која му беше продолжен 30-дневниот притвор изречен на 9 април. И за првата одлука Зеќири поднесе жалба, што исто така беше одбиена.
Мухамед Зеќири е осомничен за злоупотреба на службената положба и овластување. Обвинителството за борба против организиран криминал и корупција го товари Зеќири дека без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице, во што со умисла му помогнале двајца хрватски државјани, кои се под истрага заедно со него.