Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Стразбур присуствуваше и се обрати на свечен настан по повод одбележувањето на Денот на независноста: 34 години од македонската независност и 30 години членство на Република Северна Македонија во Советот на Европа.

Во своето обраќање, Муцунски потсети на значењето на 8 септември 1991 година, кога македонските граѓани „во еден глас се изјаснија на референдумот, определувајќи се за независна и суверена држава – кулминација на вековните стремежи на македонскиот народ за самоопределување и достоинствен живот во сопствената татковина.“

Тој истакна дека денес Северна Македонија е препознатлив и ценет актер на меѓународната сцена.

„Како членка на Обединетите Нации, Советот на Европа и горда членка на НАТО, активно придонесуваме за глобалниот мир и безбедност. Продолжуваме со борбата против организираниот криминал, трговијата со луѓе и шверцот на дрога – области во кои нашиот придонес е препознаен и ценет од меѓународните партнери,“ нагласи Муцунски.

Посебно беше потенцирана улогата на Советот на Европа.

„Во 2025 година ја одбележуваме 30-годишнината од нашето пристапување во Советот на Европа – организација која беше и останува витален партнер во поддршката на нашиот демократски развој, напредокот на правните реформи и зајакнувањето на институциите. Горди сме на длабоката, динамична и продуктивна соработка која зборува за сеопфатните и стратешки важни односи,“ додаде тој.

Муцунски говореше и за европската перспектива и придонесот кон европската стабилност.

„Нашиот пат кон полноправно членство во Европската Унија продолжува со решителност и надеж. Подготвени сме да придонесеме, како рамноправни, за стабилноста, просперитетот и споделените вредности на Унијата. Ние не сме само млада европска демократија – ние сме народ со богата историја, силен дух и јасна визија за иднината,“ потенцираше тој.

Текстот Муцунски во Стразбур: Денес Северна Македонија е препознатлив и ценет актер на меѓународната сцена е превземен од МАКФАКС.