Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија, Тимчо Муцунски, во наредните денови ќе престојува во работна посета на Јапонија.

Во рамки на посетата, министерот Муцунски ќе присуствува и ќе се обрати на свеченото одбележување на Националниот ден на Република Северна Македонија на Осака ЕКСПО 2025, каде што земјата учествува со свој павилјон, промовирајќи ги културните, туристичките и економските потенцијали на овој значаен меѓународен настан, кој се одржува од 13 април до 13 октомври 2025 година во Осака, извести Министерството за надворешни работи.

Покрај учеството на ЕКСПО, министерот ќе оствари работни средби со државниот министер за надворешни работи на Јапонија, Хисајуки Фуџии, со претседателот на Јапонската организација за надворешна трговија (JETRO), Сусуму Катаока, како и со заменик-претседателот на Јапонската агенција за меѓународна соработка (JICA), Шохеи Хара.

На средбите ќе се разговара за унапредување на билатералната соработка, со фокус на економските и трговските односи, размена на искуства во областа на развојната помош, како и актуелни регионални и глобални предизвици, додаваат од Министерството.