Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски во рамките на својата прва посета на Брисел, оствари повеќе одвоени средби со неколку европарламентарци, членови на различни политички групации на Европскиот Парламент, Дејвид Мекалистер (EPP), Илхан Ќучук (Renew) и Тинеке Стрик (Greens).

Муцунски ја нагласи одличната соработка и односи со Европскиот парламент, а посебно со акцент на придобивките од воспоставениот процес на парламентарна соработка – „Жан Моне“. Упати благодарност за нивната работа и поддршката која што ја даваат на земјата во поглед на пристапниот процес и изрази очекување дека интензитетот на истата ќе продолжи во наредниот период.

-Значајно е да се задржи и да се зајакне позитивниот наратив во ЕП за да се одржи моментумот на проширувањето на ЕУ и да се даде силна поддршка на земјава за пристапување во Унијата. Сега, заради променетите геостратешки околности, земјите-членки на ЕУ треба вложат повеќе во соодветно забрзување на пристапниот процес за земјите од Западен Балкан, врз основа на заслуги и постигнувања на секоја земја, нагласи Муцунски.

Истакнувајќи ги спецификите на пристапното досие на земјава, посебно од аспект на долготрајноста и фазите на процесот изминатите 20 години, Муцунски нагласи дека е потребно да се задржи кредибилитетот на процесот, што ќе придонесе за постепена интеграција пред членството, за што добра алатка е Планот за раст и неговото спроведување од сите инволвирани страни.

-Преговорите за пристапување во ЕУ се најдобар начин како да се обезбеди неповратност на општествената реформа и демократски развој во земјата, и за нас треба да се изнајде пат што ќе овозможи продолжување на преговорите со ЕУ, без одлагање кое е наметнато врз основа на билатерално барање, порача Муцунски.