Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во рамки на посетата на Обединетите Арапски Емирати денеска оствари средба со министерот за надворешна трговија, Тани бин Ахмед Ал Зејуди.

Двајцата соговорници ги потврдија одличните билатерални односи и го истакнаа растечкиот потенцијал за продлабочување на соработката. Посебен акцент беше ставен на економијата, трговијата и инвестициите како приоритетни области за идна соработка, известуваат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Министрите ја потврдија подготвеноста на двете држави да ја интензивираат соработката во области од заемен интерес, вклучувајќи инфраструктура, енергетика, туризам и технологија – сектори во кои ОАЕ се препознава како глобален лидер во иновациите.

Тие се согласија дека денешната средба ја отвора вратата за нови инвестиции и заеднички проекти кои значително ќе ја зајакнат економската поврзаност меѓу двете земји, се додава во соопштението на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Текстот Муцунски се сретна со министерот за надворешна трговија на ОАЕ: потврдени одличните билатерални односи е превземен од МАКФАКС.