Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на маргините на НАТО Самитот во Хаг, имаше интервју со етаблираниот американски тинк-тенк „Атлантик кансл“, соопштинија од Министерството. Во интервјуто говори за одлуките од Самитот, улогата на САД и претседателот Доналд Трамп во глобалната безбедност, како и за придонесот на Република Северна Македонија во Алијансата и одржувањето на регионалната и светската стабилност.

На прашањето околу НАТО Самитот, Муцунски кажа дека одлуките донесени во Хаг се „многу повеќе од успех“:

„Јас лично го нарекувам генерациски самит. Мислам дека одлуките што ги донесовме ќе имаат позитивни историски последици за идните генерации. Мислам дека беше клучно да се донесе одлука, особено за идните инвестиции потребни за членките и Алијансата“, рече Муцунски.

Тој посебно ја нагласи и важната улога на САД во донесувањето на овие одлуки.

„Сакам да нагласам дека без водството на администрацијата на Трамп и САД, никогаш не би ги донеле овие тешки одлуки. Значи, заслугата треба да оди таму каде што припаѓа. Но и одлично водство меѓу сојузниците, отвореност за дискусија и дебата, и фокус на тоа дека вложувањето во одбрана не е само за тврда одбрана, туку и за инвестиции во индустриската база, инфраструктурата, сајбер-отпорноста и слично. Затоа, повторно би го нарекол генерациски самит. Минатите беа историски, но одлуките овде се многу повеќе од историја. Станува збор за нашата иднина. Генерациски самит. Тоа е навистина моќно“, рече министерот Муцунски.

Заборуваше и за нашиот придонес како една од поновите земји членки на НАТО.

„Ние сме нација која сериозно го сфаќа членството во НАТО. И веќе планираме како да го достигнеме прагот од 5%. Покрај инвестирањето во армијата, за НАТО мисиите сме присутни од Балканот до Балтикот, со нашите храбри војници кои ја претставуваат нашата горда нација и придонесуваат за колективната безбедност. Американците треба да знаат дека македонските сојузници се со нив. Рамо до рамо – од Балканот до Балтикот. Тоа е добар начин да се каже“, рече министерот Муцунски.

„Атлантик кансл“ е американски тинк-тенк во областа на меѓународните односи, кој застапува атлантистички пристап и е основан во 1961 година. Управува со шеснаесет регионални центри и програмски единици кои се фокусираат на меѓународната безбедност и глобалниот економски просперитет.