Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, учествува на состанокот на министрите за надворешни работи во рамки на Берлинскиот процес, што денес се одржува во Белфаст.

Во фокусот на дискусиите беа регионалната соработка, европските перспективи на земјите од Западен Балкан и заедничките безбедносни предизвици.

Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од заеднички одговор на современите безбедносни ризици – хибридни и сајбер закани, дезинформации, миграции, нелегално финансирање и организиран криминал, кои дополнително влијаат на безбедноста и стабилноста, поткопувајќи ги институциите и јавната доверба.

На состанокот беше истакнато дека политиката на проширување на Европската унија претставува витална рамка за трансформација на општествата и унапредување на добрососедските односи, демократските стандарди и владеењето на правото. Зaедничко беше констатирано дека постепената интеграција, Планот за раст и Заедничкиот регионален пазар значајно го приближуваат Западен Балкан до Европската унија и го прават пристапниот процес поопиплив за граѓаните.

Текстот Муцунски на Состанокот на министрите за надворешни работи во рамки на Берлинскиот процес во Белфаст е превземен од МАКФАКС.