Денес во Скопје се одржа работен состанок по повод одбележувањето на петгодишнината од членството на Република Северна Македонија во НАТО.
На покана на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на состанокот присуствуваа заменичката министерка за одбрана, Елфет Исмаили, амбасадори и шефови на дипломатски мисии на земјите членки на НАТО, партнерите од Индо-Пацификот, како и претставници од Украина и Европската Унија.
Министерот Муцунски го отвори состанокот со изразување благодарност за помошта што повеќе сојузнички држави ја понудија и обезбедија по трагичната несреќа во Кочани, при што беа повредени многу млади лица. Тој посочи дека оваа солидарност претставува суштинска вредност на НАТО и потврда за силните врски меѓу сојузниците.
Во своето воведно обраќање, министерот ја истакна важноста на членството во Алијансата како стратешка придобивка и клучен надворешно-политички приоритет на Северна Македонија. Посочи дека земјата, преку своето активно учество, придонесува кон зачувување на мирот, стабилноста и безбедноста во евроатлантската заедница.
Муцунски нагласи дека надворешната политика на Северна Македонија се темели на три клучни столба: членството во НАТО како кредибилен сојузник, целосната усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, и стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави – три ориентации што целосно одговараат на националните интереси.
Тој истакна дека засиленото присуство и ангажман на НАТО и ЕУ во регионот има клучно значење за стабилноста на Западен Балкан, како и дека Северна Македонија останува посветена на заедничката работа со сојузниците и партнерите во справување со предизвиците, јакнење на отпорноста и поддршка на интегративните процеси.
Состанокот овозможи размена на мислења за актуелната геополитичка и безбедносна ситуација, вклучително и во однос на Украина. Беше нагласена потребата од заеднички напори за зајакнување на колективната безбедност и одбрана, преку засилена соработка и координација со сите стратешки партнери.
Посебно беше подвлечена важноста на демонстрацијата на единство меѓу сојузниците, како и потребата секоја земја да го преземе својот дел од одговорноста преку вложување во сопствената одбрана.
Заклучено беше дека овие теми ќе бидат во фокус и на претстојните состаноци и Самитот на НАТО во јуни во Хаг, каде што се очекуваат важни одлуки за иднината на Алијансата и стабилноста на евроатлантскиот регион.