Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, ќе учествува на 11-та Европска конференција на Универзитетот Харвард, со наслов „Лидер или сонувач? Улогата на Европа во фрагментираниот светски поредок“, што се одржува денес и утре во Бостон, САД.
Во рамки на учеството, тој ќе се обрати на панел-дискусијата „Улогата на Европа во глобалната дипломатија – поврзување на Балканот и пошироко“, каде ќе говори за значењето на европската перспектива на регионот, како и за можностите за зајакнување на дипломатската соработка во меѓународниот контекст.
Европската конференција на Харвард е еден од најзначајните настани за трансатлантскиот дијалог и за Европа во САД. Основната цел на конференцијата е зајакнување на трансатлантските односи преку обединување на водечки научници, креатори на политики, лидери и студенти од двете страни на Атлантикот. Настанот претставува уникатна можност за носителите на одлуки и академиците, заедно со идните лидери, да разменат идеи и да идентификуваат нови насоки за соработка и дејствување.