Идната недела ќе почне враќање во земјава на првите пациенти што се лекуваат во странство кои се во добра здравствена состојба за да се вратат, соопшти министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на прес-конференција.

Во МНРНТ денеска ќе се одржи координативен состанок за следни чекори и мерки за соодветна организација за очекуваното враќање на сите оздравени пациенти или за продолжување на нивното лекување во земјава.

-Најавите што ги имаме се дека во тек на следната недела ќе почнат да се враќаат првите пациенти, тие најави ги добиваме во директна комуникација каде што се сместени и кои ќе бидат во доволно добра здравствена состојба за да може да се враќаат назад, рече Муцунски на прес-конференцијата.

Информираше дека вкупно 116 пациенти со повреди во пожарот на концертот во Кочани се лекуваат во странски болници во 14 европски држави. Трошоците за нивното  лекување се покриени од државите домаќини, а патувањето и сместувањето на нивните најблиски и трошоци за целата логистика за нивниот престој во странство е на нашата Влада.

Муцунски, кој на прес-конференцијата истакна дека сите „поминуваме исклучително тежок период и силен психолошки притисок“ им се заблагодари на сите земји кои ги примиле повредените и за нивната солидарност, како и на пожртвуваноста на нашите медицински екипи на кои рече е многу горд.

Соопшти дека од 116-те хоспитализирани во странство, 38 се пратени на лекување преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, кој Владата го активирала веднаш по несреќата, а останатите се пратени преку директна билатерална помош.

Во најкус можен рок и по највисоки медицински стандарди, како што рече, биле транспортирани во болниците во странство, благодарение на организираноста и комуникацијата на Кризниот штаб во МНРНТ и дипломатско-конзуларните претставништва во земјите каде што се лекуваат.