Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска ги прими копиите на акредитивните писма од новоименуваниот вонреден и ополномоштен амбасадор на Црна Гора Зоран Миљаниќ.

Како што информира Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Муцунски му посака успешна дипломатска мисија на новиот црногорски амбасадор и изрази задоволство од нивото на досегашните билатерални односи, како и соработката во повеќе области од заемен интерес.

Министерот  Муцунски изрази увереност дека амбасадорот Миљаниќ ќе даде значаен придонес во натамошното унапредување и продлабочување на пријателските односи меѓу двете земји кои се и НАТО-сојузници. Муцунски изрази и благодарност за помошта што Црна Гора и ја упати на земјава во справувањето со огнените стихии.

– Соговорниците констатираа дека двете страни се максимално посветени кон  ЕУ-интеграцискиот процес и пристапните преговори за полноправно членство во Унијата. Се согласија дека враќањето на проширувањето на ЕУ на агендата по формирањето на новата Европска Комисија е значајно за регионот како целина и ќе придонесе за поттикнување на реформските и демократските процеси, се вели во соопштението од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.