Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска остварил средба со амбасадорот на Косово, Флоријан Ќехаја, во чии рамки биле потврдени пријателските односи меѓу двете земји и реафимирани заедничките заложби за интензивирање на билатералната соработка, пред сѐ на економски план.

На средбата, како што соопшти МНР, станало збор за актуелните состојби во двете земји и во регионот како целина. Воедно, била истакната потребата за забрзување на евроинтегративните процеси на земјите од Западниот Балкан, како клучен фактор во одржувањето на регионалната стабилност.

Муцунски изразил подготовност за продлабочување на нашата соработка во рамки на регионалните иницијативи, како и поддршка за европските и евроатлантските интеграции на Косово, потенцирајќи ја подготвеноста за размена на искуства во оваа област.

Соговорниците размениле мислења и за актуелни теми од надворешно – политички и безбедносен карактер.