Срдечно добредојде за еврокомесарката Марта Кос во Скопје, напиша на социјалните мрежи шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски по средбата на скопскиот аеродром.
„Попладнево, во пресрет на утрешниот Самит на лидерите од Западен Балкан, имав чест да ја пречекам на скопскиот аеродром еврокомесарката за проширување на Европската унија, Марта Кос.
Евроинтеграциите не се само декларативна заложба, туку и јасна стратешка определба на Владата. Пред нас е исполнета агенда – денеска, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, ќе оствариме средба со еврокомесарката.
Утре, на состанокот на лидерите од ЕУ и Западен Балкан, фокусот ќе биде ставен на Планот за раст, реформската агенда, како и на предизвиците со кои се соочуваат нашата држава и регионот на патот кон полноправно членство во Европската унија“, појасни Муцунски.