Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ останува на предложениот концепт за единство на сите политички партии, зад текстот кој е создаден и напишан од врвните научни, образовни и општествени институции МАНУ, УКИМ и МПЦ-ОА, вели Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ. Состанокот беше одржан синоќа по изјавата на премиерот Зоран Заев дека, иако СДСМ ја поддржува Резолуцијата, сепак за владејачкото мнозинство таа не е прифатлива бидејќи до Собранието е доставена со С.Македонија, а не како што вели Заев Република Северна Македонија, како што е новото уставно име. Муцунски вели дека фактот што СДСМ одлучи да го промени својот став по трет пат и да отвора теми кои не се поврзани со содржината на резолуцијата, за жал ги ослабнува позициите на Македонија во било какви идни разговори со Бугарија.
-Не би сакале да веруваме дека зад одлуката на СДСМ стои оставање на простор за пазарење со националните и државните интереси од највисок интерес, идентитетот, јазикот и националната засебност на македонскиот народ. Структурата на предложената Резолуција е концепт зад кој, за прв пат, политичките партии може да најдат минимум простор за заеднички позиции. За националните и државните интереси треба да го најдеме тоа што не обединува. Обврска на државниот врв е да обединува, а не да разединува. СДСМ го прави токму второто, вели Муцунски.