Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски во централниот Дневник на ТВ Сител, рече дека обидите на власта да ја обвинат опозицијата за случајот „Мафија“ е само обид на власта за политички де фокус и бегање од фактот дека овој скандал негативно влијае врз имиџот на државата.
-Шокиран сум од фактот дека е откриено дека во последните години токму ова се случувало во нашата држава, дека токму ова се случувало во институциите на системот, во МВР и наместо некој да понесе одговорност, од владата слушаме дека треба да им честитаме што откриле дека неколку години овој срам за државата се случувал. Искрено да ви кажам низ призмата на фактот дека е нарушена меѓународната репутација на државата, најмногу сум шокиран од страна на Владата која што постојано пропагира европски вредности, почесто на хартија отколку во пракса, но проповеда такви европски вредности, што не видовме еден европски морален чин, а тоа е оставка и одговорност од министерот за внатрешни работи во чија што институција се случувал овој срам за државата, вели Муцунски.
-Во моментот кога опозицијата доби кредибилни информации дека ова е вистинито и се потврдија овие информации од страна на свиркачи, ние веднаш го објавивме тоа, притоа на крајот видов и едни апсурдни обвинувања дека опозицијата го саботирала овој процес. Опозицијата има одговорност пред граѓаните кога ќе добие вакви информации за злоупотреба на институциите, а кога е очигледно дека институциите на системот, како што се покажа во аферата Мафија немаат капацитет сами да се справат со сериозните недоследности кои што во овој момент сериозно влијаат негативно и на нашиот безбедносен систем, и на нашиот меѓународен бизнис, веројатно може да трпат штета и граѓаните и бизнисите од одредени причини заради овој скандал. Ние како опозиција ќе стоиме цврсто позади јавното објавување на сите потребни документи и очекувањето дека правосудните институции ќе бидат на висината на задачата и нема да бидат селективни како што беа до сега, и ќе дојдат до вистинските чинители кои што дозволиле стотици криминалци со меѓународно досие да влезат во Македонија, слободно да се движат во нашата држава и потоа да ја напуштат нашата држава со македонска патна исправа, нагласи Муцунски.