Немањето легитимитет на владата, којшто произлегува од последните локални избори е основната причина поради која ВМРО-ДПМНЕ бара предвремени парламентарни избори. Ова го изјави Тимчо Муцунски потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалник на општина Аеродром во емисијата Дебати на тв Шења.
„Ќе потсетам дека овие локални избори беа претворени во национална кампања, не од опозицијата туку од поранешниот премиер и целата неговата политичка партија. Тие водеа референдум за или против оваа власт. Јас тоа го почувствував лично преку негативната кампања кон мене “, изјави Муцунски.
Тој додаде дека граѓаните го дале својот одговор и следниот чекор што би бил доблесен е премиерот да си даде оставка и да се распишат парламентарни избори. Нешто што би се случило во секоја една нормална парламентарна демократија, смета Муцунски.