Една од најтешките работи е да се изборите за демократија, слобода и достоинство. Во рок од 48 часа имаме обид од владејачката коалиција предводена од СДСМ и ДУИ, на недемократски пат, апсолутно целосно да го нарушат достоинството на нашиот народ, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски во вестите на Телевизија 24, потенцирајќи дека тоа што се нуди е истиот предлог како тој од пред две недели, а власта со бледи флоскули се обидува да ги манипулира граѓаните.
– Тоа што со сигурност може да го констатираме според мојот став, ВМРО-ДПМНЕ и голем број експерти кои ги гледаме како излегуваат во медиумите, а и актуелни функционери на СДСМ, е дека имаме предлог кој е недостоинствен, предлог кој ја внесува Македонија во ситуација, наместо да преговара во преговарачка рамка согласно европските вредности на Шуман и Аденауер каде што се обединуваме во различности, да преговараме во содржината на оваа преговарачка рамка под диктат на Петков, Радев, Генчовска и субјективни бугарски политичари, рече Муцунски.
Муцунски повика граѓаните будно да следат што има во преговарачката рамка, бидејќи тоа што е ноторен факт е дека во ова преговарачка рамка, врвен европски критериум станува прашањето за нашето образование, за нашата историја и интегрално се вметнува билатералниот договор помеѓу Македонија и Бугарија, кој што со усвојувањето на ваква рамка веќе не е билатерален спор туку станува европски критериум.
– Ова е срамно и недозволиво. Затоа е важно граѓаните вечерва да излезат и да кажеме едно одлучно не пред владата. Тоа што треба да го расчистиме е дека овој предлог е истиот од пред две недели. Тоа што мораме да го кажеме е одлучно не и да и кажеме на Европа дека бараме таа да ги заштити тие вредности кои ги промовира и да преговараме за европски вредности и критериуми, истакна Муцунски.
Муцунски нагласи дека имаме влада која во континуитет 6 години, води попустлива надворешна политика, каде што гледаат се подготвени да прифатат се, политика каде не се бара поддршка од сојузниците во Европа.
– Тоа не доведува во ситуација да имаме вакви наметнати асиметрични реченија, а гледаме денес бледи политички флоскули од власта кои не се вистината и не содејствуваат со содржината во преговарачката рамка истовремено закани за наводна меѓуетничка тензија. Да има пратиме како порака дека нивната реторика не содејствува со Европа, нивната реторика содејствува со 20 век, добро е да ја прочитаат историјата бидејќи таквиот тип на политичари наскоро ќе станат историја во Македонија, изјави Муцунски.