Легендарниот поранешен менаџер на Манчестер Јунајтед, Сер Алекс Фергусон имаше мозочен удар пред три години и навистина мал процент на шанси да го преживее.

Лекарот што го лекуваше ова го откри во документарец за Фергусон, кој откри многу детали за кои јавноста не знаеше, во врска со кариерата и животот на култниот човек од Олд Трафорд.

„Само се сеќавам дека паднав и од тогаш – не се сеќавам на ништо. Беше ненадејно. Се чини дека се најдов на ничија земја“, вели Фергусон.

Лекарот признава дека имало големи шанси Фергусон да не преживее по мозочниот удар пред три години.

„Кога ја проценував можноста да умре, тогаш имаше 80 проценти, или само 20 проценти беа шансите тој да го преживее тој мозочен удар“, додава лекарот.

Документарниот филм за Сер Алекс ќе има премиера на Филмскиот фестивал во Глазгов, а во кино салите ќе може да се појави од 27 мај.