Во врска со најавениот протест на Коалицијата „Менуваме“ од Министерството за труд и социјална политика информираат дека интензивно работат на унапредување на инклузијата на лицата со попреченост во нашата држава.
Неодамна МТСП го отвори дневниот центар за лицата со попреченост во Липково, а во тек е и изградба на центри за деца со попреченост и во општините Делчево, Чашка, Боговиње и во Скопје.
Од МТСП информираат дека минатата недела се склучени и два нови договори за соработка со општините Карпош и Тетово, со поддршка на Светска Банка, за отворање на дневни центри за деца со попреченост. Овие два центри преку стручните тимови ќе обезбедуваат индивидуални и групни третмани, според претходна проценка на потребите на вкупно 62 деца со попреченост.
Министерката Шахпаска неодамна одржа средба со претставници на Коалицијата „Менуваме“ и информираше дека сите нивни барања во основа се дел од агендата на Министерството.
Во однос на барањето за зголемување на надоместокот заради попреченост, министерката Шахпаска укажа дека е предвидено покачување на износот за најмалку 15 проценти. Поради пандемијата со Ковид-19 неговата реализација беше пролонгирана за наредната година.
Во делот на зголемување на инклузијата и независноста на лицата со попреченост, МТСП заедно со Националниот сојуз на слепи лица и УНДП неодамна го пуштија во употреба и аудио читачот- апликација за лица со оштетен вид, кој овозможува олеснет пристап до информации, независност во движењето и завршувањето на секојдневните обврски.