ПИШУВА: ЗОРАН БОЈАРОВСКИ
Зошто Македонската православна црква – Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА) го прими митрополитот Антониј, свештеник од највисокиот круг архијереи на Руската православна црква (РПЦ), најблизок соработник задолжен за меѓународните односи на патријархот Кирил, кој ја благослови војната во Украина и им вети на војниците што ќе загинат на бојните полиња дека ќе им бидат простени гревовите како да војуваат во некоја света војна, и кој ги велича политиките на Путин затоа што господ го поставил на власт, оној истиот Путин којшто поради војната во Украина, Русија ја вклучи Македонија во списокот на непријателски држави?
Митрополитот Антониј беше во придружба на амбасадорот Баздникин, чиј претходник Шчербак, изјави дека како членка на НАТО Северна Македонија е легитимна цел за напад, што подоцна кога почна војната во Украина, нивниот шеф, министерот за надворешни работи Лавров, на секој јавен настап мантраше дека во Украина Русија е во војна со НАТО.
Апсолутно е невозможно врвот на МПЦ-ОА да не го знае ова со што станува тотално апсурдна нивната постапка да го примат високиот претставник на РПЦ со што птредизвикаа „ризик за националната безбедност и е спротивна на државните и национални интереси на сите граѓани вклучително и на црковните интереси на МПЦ-ОА“ како што оценија релевантни познавачи на безбедносните прашања и на црковните политики.
Во таа насока не треба никој да се сомнева дека Путин ја користи руската црковна дипломатија за да ја оправда војната во Украина. Но, ако Руската православна црква прифати да биде маша на Кремљ за да врши мисија за оправдување на војна на Путин, МПЦ-ОА треба да прифати дека оваа средба е во најмала рака непромислена, иако вистинскиот збор за неа е – скандалозна.
Дека е таква – скандалозна – потврдува и фактот дека јавноста во нашата земја за оваа посета и за тоа дека рускиот митрополит ќе има средба со врвот на МПЦ-ОА, односно со архиепископот Стефан, дозна од медиумите во соседството, односно од Бугарија.
Скандалозно и навредливо за нашата интелигенција е објаснувањето дека руските „мисионери“ дошле да му го честитаат именденот на дедо Стефан два дена подоцна. Ако беше така, тогаш г.г. Стефан требаше да ги прими Русите во неговата резиденција, а не во Синодот на МПЦ-ОА, ама Архиепископот на МПЦ-ОА одамна не е приватно лице со привремена или волонтерска должност поглавар на МПЦ-ОА.
Зашто ако МПЦ-ОА е „еден од столбовите врз кои е изградено македонското национално здание“, како што милуваат да прокламираат владиците на МПЦ-ОА кога така им одговара, треба да прифатат дека и меѓуцрковните односи треба да ги рефлектираат стратешките позиции на нашата држава на меѓународен план.
Оттаму, за оваа „игранка“ со Москва нема никакво оправдување и од црковен аспект, ако МПЦ-ОА ја прифатила оваа средба за да ја придобие МПЦ-ОА на страната на руските црковни интереси, како што пишуваат бугарските медиуми во недостиг на информации од дома.
Ова е сосема извесна опција зашто секако не сме наивни да веруваме дека митрополитот Антониј и константата на црковната дипломатија на РПЦ Николај Балашов дошле со матрјошка со ликот на патријархот Кирил како подарок за именденот на дедото Стефан.
Ако МПЦ-ОА мисли дека може да се вози и на овој задоцнет руски воз треба да се соочи со фактот дека така ќе се стави на страната на Москва-Читај-Кремљ за превземање на приматот на Цариградската патријаршија како прва меѓу еднаквите цркви, односно за доминацијата на РПЦ во православната екумена. Но тоа не е сѐ. МПЦ-ОА ќе треба да прифати нема таков телешопинг во кој ќе може да „купи“ едно признавање на автокефалноста за да добие две.
Со реални зборови кажано, без метафори, МПЦ-ОА веќе „купи“, односно доби томос и препорака од Српската православна црква врз основа на која Цариградската патријаршија ја прифати како автокефална црква и ги повика и останатите сестрински православни цркви како таква да ја прифатат. Сега не може да очекува „две во едно“, односно да добие автокефалност и од РПЦ. Завршена е таа работа и како таква треба да се прифати.
Тоа е и отсекогаш беше единствениот пат за признавање и за автокефалија на МПЦ-ОА.
Таков (би) треба(ло) да биде и одговорот на дедо Стефан на средбата со Русите, ако тие меѓу две жолти и една кисела зелка со буковка, понудиле еден таков непристоен предлог за веќе решеното прашање на статусот на МПЦ-ОА повторно да го отвораат.
Впрочем и во интервју за грчкиот весник „То Вима“ во јуни 2022 година, поглаварот на МПЦ-ОА потенцираше дека Охридската Архиепископија ќе го почитува канонскиот поредок на Православната црква и ќе бара Томос за автокефалност од Вселенската патријаршија, бидејќи „единствено Вселенската Патријаршија издава томос за автокефалност, а другите Цркви тоа со почит го прифаќаат“.
Сѐ друго може да биде само руска бајка за мали деца.
Превземено од Цивил Медиа